
Општина Ѓорче Петров официјално се стекна со „CAF Effective User Label“ – престижна европска ознака која ја потврдува успешната примена на највисоките стандарди за управување со квалитет во јавната администрација.
„Со добивањето на ова признание, Општина Ѓорче Петров станува првата општина во Република Македонија што успешно го поминала процесот на независна надворешна евалуација и го добила овој реномиран сертификат за институционална извонредност. Овој значаен институционален исчекор е резултат на системска и професионална посветеност на општинската администрација, како и на јасната определба за континуирано унапредување на управувањето, зајакнување на транспарентноста и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните“, истакна градоначалникот Александар Стојкоски во објавата на Фејсбук.
Тој посочи дека CAF моделот претставува современа европска рамка за управување со квалитет во јавниот сектор, чија примена придонесува кон поефикасна и поодговорна администрација, подобри организациски процеси и услуги ориентирани кон потребите на граѓаните.
„Општина Ѓорче Петров го имплементираше првиот CAF циклус во 2016 година, а со вториот циклус реализиран во 2024 година го потврди континуитетот, институционалната зрелост и посветеноста кон постојано подобрување на квалитетот во работењето. Ова признание е силна потврда дека работиме системски, одговорно и во интерес на граѓаните, следејќи ги европските стандарди и современите принципи на добро управување во локалната самоуправа“, нагласи градоначалникот.