Општина Гази Баба ги додели решенијата за субвенции за велосипеди

Општина Гази Баба одржа настан по повод доделување на решенијата за субвенции на граѓаните кои успешно аплицираа за набавка на нов велосипед. Овој проект е дел од програмата за унапредување на локалната животна средина и промоција на здрав и активен начин на живот.

Субвенциите се одобрени врз основа на јавен повик објавен од страна на општината, на кој голем број граѓани ја покажаа својата заинтересираност и подготвеност да придонесат за почиста и поздрава заедница.

- Со оваа мерка, граѓаните добиваат финансиска поддршка за купување на нов велосипед, што директно влијае на намалување на сообраќајниот метеж, загадувањето на воздухот и поттикнување на физичката активност. Горд сум што Општина Гази Баба е меѓу првите кои активно вложуваат во одржлив транспорт и ги охрабруваат граѓаните да го заменат автомобилот со велосипед. Ова не е само финансиска поддршка – ова е вложување во иднината на нашата општина и здравјето на сите нас, порача градоначалникот Бобан Стефковски. 

Проектот е дел од пошироката стратегија на Општина Гази Баба за заштита на животната средина, која вклучува и други мерки како зголемување на зелените површини, поддршка за енергетска ефикасност и подобрување на инфраструктурата за велосипедисти.

Општината ќе продолжи со поддршка на вакви и слични иницијативи и во иднина, со цел да создаде поурбана, почиста и похумана средина за живеење, најавија оттаму.