Општина Центар организира бесплатни здравствени консултации за сите граѓани

Граѓаните денеска, на 6 април, ќе имаат можност за својата здравствена состојба да поразговараат со тим составен од гинеколог, ортопед, дерматовенеролог и инфектолог, а студенти по медицина ќе вршат мерење на крвен притисок и гликоза во крвта.

Во пресрет на Светскиот ден на здравјето, Општина Центар  организира бесплатни здравствени консултации за граѓаните, кои ќе се одржат во Општинскиот младински центар „Матично“, во период од 9 до 15 часот.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика граѓаните да ја искористат можноста за бесплатни здравствени проверки и советувања со лекари.

„Ги поканувам граѓаните да дојдат во Општинскиот младински центар „МАТИЧНО“ и да се консултираат со тим специјалисти за своето здравје, да направат превентивни мерења на притисокот и шеќерот во крвта, и да добијат бесплатни совети. Оваа акција ја спроведуваме со цел да ја поттикнеме свеста за грижата за сопственото здравје и превентивните контроли. Здравото население е најголемото богатство на една држава, рече градоначалникот.