Општина Бутел додели 57 стипендии на најуспешните ученици од основните општински училишта

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски денеска сподели дека биле доделени 57 стипендии на најуспешните ученици од основните општински училишта.

„Под мотото „Со срце учам, со знаење успевам” ја продолжуваме традицијата која ја започнавме и доделивме парични ваучери на најдобрите наши ученици од општинските основни училишта! Беа доделени парични ваучери во вредност од 12.000 денари и 6.000 денари на најдобрите ученици“, истакна Костовски.

На 11 првенци на генерација во три наставни јазици македонски, албански и турски им беа доделени парични ваучери во вредност од 12.000 денари.

На основците од 8, 7, 6 и 5 одделение во трите наставни јазици им беа доделени парични ваучери во вредност од 6.000 денари.

Цитирајќи го Крсте Петков Мисирков за тоа дека „образованието е најсилното средство за духовен и национален напредок“, Костовски вели дека токму затоа вложуваат максимално во образованието.

„Континуирано се грижиме за нашите најдобри ученици. Учениците се наша гордост, наша должност е да го почитуваме нивниот труд“, порача градоначалникот.