Општина Аеродром започна со голема есенска акција за чистење

Општина Аеродром започна голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до средината на ноември.

Во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени големи контејнери во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.

Акцијата почна од населбата Мичурин каде што вчера и денес, 29 и 30 септември, садовите ќе бидат поставени на улица „Анастас Митрев“ зад паркот до трансформаторот и на улица „Венјамин Мачуковски“ до трансформаторот кај Железничка станица.

Потоа, в среда и во четврток, 1 и 2 октомври, жителите на Острово, својот кабаст отпад ќе можат да го оставаат на улица „Владимир Комаров“ бр. 9, како и на „Владимир Комаров“ број 16 зад ТЦ „Скопјанка“, информираа од општината. 

Кабастиот отпад е планирано да се собира речиси до средината на ноември, а жителите за сите локации и датуми можат да се информираат на страницата на општината aerodrom.gov.mk, каде што е објавен планот со точните датуми и локации.