Општина Аеродром одговори на обвинувањата од Левица

Од општина Аеродром реагираат во однос на соопштението на политичката партија Левица.

-Јавните набавки кои се однесуваат на машини и друга опрема за чистење влегува во дел од законските обврски кои Општина Аеродром ги има кон своите граѓани. Согласно законите, обврска на општината е да се грижи за јавните површини, имотот на општината и целата опрема што е потребна за таа намена, а оттаму произлегува и нашата намера да ги одржуваме сите расположливи средства за остварување на овие цели. Опремата што веќе е набавена, треба да биде ставена во функција на граѓаните и во функција на заложбата за одржување на чистотата на јавните површини во Аеродром, се вели во реакцијата од општина Аеродром. 

Оттаму велат дека општината и понатаму ќе работи да ги оствари сите зацртани цели и да ги исполни законски пропишаните обврски, а истовремено ги охрабруваме релевантните институции кои во соработка со општината веќе водат постапка за посочената набавка од страна на претходната администрација да ги разрешат сите евентуални прекршувања на законите.

-Воедно, изразуваме жалење што политичката партија Левица која има членови во Советот на општината јавно бара да не се оддржува постоечкиот имот на општината, додаваат од локалната самоуправа.