Општина Аеродром ќе биде првата општина што ќе избрише маркици за згради и ќе ги стави во функција на сите жители, вели Дејан Митески поранешен советник од редовите на ВМРО ДПМНЕ

Скопје Инфо во текот на вчерашниот ден неофицијално објави дека Дејан Митески е кандидатот со кој ВМРО ДПМНЕ ќе трча на локалните избори во општината Аеродром. Иако, веста се уште официјално не е потврдена, денес со него разговараме за актуелните урбани предизвици на една од, според многумина, најурбаната општина во Скопје.

Разговараме за узурпацијата на јавниот простор, градењето, зеленилото, урбаното планирање и партиципирањето на граѓаните во носењето на одлуките.  Во пресрет на локалните избори ги отвораме најактуелните и најгорливи теми и прашања.

На самиот почеток  Митески вели дека масовната изградба на згради без соодветна инфраструктура, неопходна за нормално функционирање на жителите претставува сериозен проблем.  

Првично замислено како идеја за добро на граѓаните, посебно на жителите во старите воени бараки, чие станбено прашање требаше и треба да биде решено, прерасна во супер можност за бизнис интерес и на штета на сите жители на Аеродром, додава тој. Потенцира дека Бизнис интересот не е и не смее да биде пред општиот интерес.

И ова не е кажана флоскула, туку искрено сметам дека така треба и да функционира урбанистичкото планирање, вели Митески. 

На оваа тема го прашавме каква е неговата визија за урбаното живеење во општината.

Митески вели дека во Аеродром постојат сеуште многу површини кои се неизградени, места кои можат да се стават во функција на сите.

Во наредниот период уверувам дека општина Аеродром ќе биде првата скопска општина што ќе избрише маркици за згради и ќе ги стави во функција на сите жители. Тоа е возможно и неопходно за аеродромци, вели тој.

Јавноста го памети и поништен детален урбанистички план на територијата на Аеродром по поднесена иницијатива до Уставниот суд од негова страна. На оваа тема Митески кој е поранешен член на советот од редовите на ВМРО ДПМНЕ вели дека причината за ова била назаконски спроведена постапка, но главниот мотив бил фактот дека  тој ДУП предвидувал помалку од 1,5% зеленило и тоа е школски пример за бизнис мотивирано урбанистичко планирање и е апсолутно погрешен.

Рамномерен развој во цела општина е неопходен. Лисиче и Аеродром, иако во иста општина, немаат еднакви услови, ниту пак се еднакво развиени. Дисперзија на сите делови, наместо концентрација во едно презаситено јадро е можноста што ја има Аеродром за иден раст и развој. Урбанизација е збор што ги плаши скопјани, а особено аеродромци, имајќи го предвид искуството од минатото, вели Дејан на оваа тема.

Но не треба, категорично вели тој. Додава дека урбанизацијата е неопходна, но начинот на кој се таа се прави треба да се промени.

Хуманизација наместо бетонизација, тоа е правиот чекор во урбанистичкото планирање. Урбанизацијата не подразбира само нови згради, туку неопходен предуслов за подобра инфраструктура, нови градинки, училишта, паркови, вело патеки, места за спорт и рекреација од најмлади до најстари, додава Митески.

На крајот го прашавме за јавниот интерес во носењето на одлуки поврзани со урбаното планирање на општината.

Тука Митески е дециден дека ДУП финансиран од приватен инвеститор не е и не може да биде во интерес на сите, а особено кога тоа се прави позади затворени врати, без учество на јавноста.

Таа пракса мора да се промени во најскоро време и општината да ги финансира сите детални урбанистички планови, за да овозможи заштита на јавниот интерес.Формирање на вистинско граѓанско партиципативно тело, со цел менување на пристапот во урбанизмот и урбанизам за хуманизација на просторот се насушно потребни во Аеродром, заклучува Митески на крајот.