
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески утрово информираше дека Гоце од Долно Лисиче е првиот жител кој добил Одобрение за градење со комплетно ослободени комуналии.
„Овој момент не е само административен чекор – туку симбол на нов почеток, сигурност и поддршка за младите кои храбро чекорат кон својот прв дом. Советот на Општина Аеродром ја усвои оваа мерка на својата прва седница, испраќајќи јасна порака дека младите се срцето и иднината на нашата заедница“, истакна Митески во објава на Фејсбук.
Тој нагласи дека сите млади до 35 години кои градат, доградуваат или надградуваат, добиваат целосно ослободување од комуналии од делот што е за Општина Аеродром.
„Ова е повеќе од олеснување – ова е вистински ветар во грб, топла поддршка и силен поттик за најубавиот животен почеток. Честитки до Гоце и до сите млади луѓе кои одлучуваат да градат и да живеат во Општина Аеродром!“, порача градоначалникот.