Опомена пред тужба од страна на Клиничката болница во Штип му пристигнала на пожарникарот Александар Георгиевски на домашна адреса. Ваквата вест тој ја објави на социјалните мрежи. Тужбата се однесувала за направен долг за неговото лекување откако за влакно не го изгубил животот во гаснење на пожарите.
Тој се онесвестил на 30 јули откако влегол во запален објект се со цел да ги изгасне пожарот. Бил спасен од неговите колеги и со Брза помош префрлен во Клиничката болница, каде бил примен на одделението за интензивна нега. Сега, менаџментот на болницата го опоменува дека откако бил пуштен од болница, Георгиевски не платил 1.250 денари, колку што чинеле здравствените услуги на болницата.
„Од ко ме пуштија од болницата прво им се заблагодарив на персоналот за професионалниот однос на вработените на интезивна, потоа си прашав да не треба да се плати нешто на што ми одговорија „Ацка терај си дома и одмарај си“, по што си заминав во придружба на близок член од мојата фамилија. И после месец дена ми стига опомена пред тужба за 1.250 денари, сум останал дужен на Клиничка Болница Штип без тоа да го знам. Не ми е јасно само една работа и не можам да сфатам кој требаше да ме информира дека јас имам долг кон болницата и зошто тоа не ми беше потенцирано од било кој во истата кога ме пуштија тој ден да си одам дома“, напиша Георгиевски.