Операта „Риголето“, вечер ќе биде изведена на сцената на МОБ

Операта „Риголето“, едно од ремек делата на Џузепе Верди ќе биде изведена вечер на сцената на Македонската опера и балет во рамки на 47. Мајски оперски вечери.

Режијата е на Нина Најденова од Бугарија, а диригент е Алесандро Д’Агостини од Италија, кој и е добро познат на македонската публика, диригент со импозантна кариера низ голем број европски оперски куќи. Во главните улоги ќе настапат гостите од Италија – баритонот Алберто Гаѕале како Риголето и сопранот со префинета вокална техника, Линда Кампанела како Џилда.

Гаѕале бележи блескава кариера со репертоар кој вклучува над 70 улоги, а настапува во Миланската Скала, Виенската „Штац“ опера, Арена ди Верона како и во повеќето претижни оперски куќи низ Европа. Кампанела, пак, е редовен гостин на најпрестижните меѓународни оперски куќи настапувајќи низ целиот свет, а покрај тоа е наставник по вокална техника и интерпретација на Вокалната Академија во Торино. Во улогата на Војводата од Матова ќе настапи Ифрим Космин од Романија, Владимир Саздовски како Спарафучил и Ирена Кавкалевска како Мадалена.