Опасна и дива: Каква е таа „прекомплицирана“ жена?

Еве ја... „Прекомплицираната“ жена. Жената која премногу сака, премногу чувствува, премногу прашува, премногу посакува. Еве ја, повторно зазема премногу простор со својата насмевка, своите облики, својата искреност и сексапил. Нејзината присутност е висока како стебло, широка како планина. Нејзината енергија зазема премногу простор. Таа е опасна.

И еве ја, оваа „прекомплицирана“ жена која ги тера луѓето да размислуваат, премногу да чувствуваат и премногу да се замараат, таа која ги прави овие работи со својата автентичност и самодоверба, со начинот на кој оди. Се смее од длабочината на својот стомак, има незаситен апетит и наклонетост кон огнените страсти. Сите очи се вперени во неа, во оваа атрактивно дива жена.

Ех, таа „прекомплицирана“ жена: Прегласна, прежива, преискрена, премногу емотивна, препаметна, преинтензивна, преубава, претешка, пречувствителна, предива, престрашна, преуспешна, предебела, прејака, прерадосна. Таа би требало да се смири и смали. Некој би требало да ја прати на место каде ќе биде почитувана. Некој би требало да ѝ каже. 

Тука сум... „Прекомплицирана“ жена, со пренежно срце и премногу чувства. 

Хедонист, феминист, секогаш во потрага по среќа. Сакам многу: правда, искреност, пространство, леснотија, интимност, почит, да бидам видена, разбрана, сакам внимание и исполнување ветувања. Ме нарекуваат прекомплицирана жена затоа што го сакам она што го сакам. Ме нарекувале и страшна поради просторот кој го заземам. Ме нарекувале себична, затоа што се сакам себеси. Но, сѐ уште растам. И покрај сѐ. Сакам, чувствувам, прашувам, ризикувам, заземам простор. Морам. 

Општеството се плаши од „прекомплицираните“ жени, се ужаснува од нивната појава, од начинот на кој бараат почит и се носат со вистината на своите чувства. Со векови се обидуваме да ја поттиснеме „прекомплицираната“ жена: во своите сестри, сопруги, ќерки. Дури и денес, срамота е жените да бидат „прекомплицирани“, поради нивната големина, желби и страствен темперамент. А сепак, овие жени се тука и растат!

Во мојот сопствен свет и пред моите очи, сведочам на подемот и растот на жените за кои се вели дека се „прекомплицирани“. Тие се познати и како диви жени. Како и да се нарекуваат, тие се тука и драго им е што конечно некој ги препознава. 

Ако некогаш те нарекле „прекомплицирана“, „преемотивна“, „кучка“, „олош“, „вообразена“, веројатно и ти си дел од оваа група. Ако си дел, сакам да ти кажам една работа: Те молам прифати се себеси, својата длабочина и големина. Не се криј и никогаш не се напуштај себеси, својата големина и својот сјај. Заборави на сѐ што си слушнала. Ова е твојот подарок од животот, подарок кој може да мотивира, активира, стимулира, ослободи и учи. Не се плаши од својот подарок и не дозволувај никој да те натера да се откажеш од него. Твојата „прекомплицираност“ е магија, лек кој може да го промени светот.

„Прекомплицирана“ жено, те преколнувам: Прашувај. Барај. Сакај. Сонувај. Расти. Цветај. Делувај. Чувствувај. Дозволи им на твоите бранови да растат, на твојот оган да гори, разбуди ги и другите. Те молам стани. Потребна си му на општеството.