Опаѓа бројот на заразени со корона вирус

Во период од 15 до 21 август регистрирани се вкупно 2.686 нови позитивни случаи на КОВИД-19 од 34 градови во земјава, со намалување од 22,7 проценти во однос на претходната недела, покажуваат податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Најголем број од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока инциденца е регистрирана во Делчево, Кавадарци, Гевгелија, Пехчево, Охрид, Неготино, Берово и Кратово.

Согласно податоците од ИЈЗ, најзастапена е возрасната група на лица над 60 години. Во однос на претходната недела, регистрирано е намалување кај сите возрасни групи со најзабележително намалување од 36,3 отсто во возрасната група 10-19 години.

Оздравени се 3.197 лица, или 14,6 проценти помалку во споредба со претходната недела. Пријавени се 20 смртни случаи, најголем број од Охрид – 5.

Во текот на минатата недела се хоспитализирани 28 лица, а моментално во болниците се лекуваат вкупно 125 ковид-пациенти, 37,2 отсто помалку во споредба со претходната седмица. Од нив 45 се на кислородна поддршка, а еден пациент е на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.