ООУ „Александар Македонски“ во Аеродром го почна проектот „Превенирање на насилното однесување во основните училишта“

Денеска ООУ „Александар Македонски“ го почна проектот „Превенирање на насилното однесување во основните училишта“ во организација на Општина Аеродром и Институтот за европски образовни, социокултурни и економски политики – Европа за тебе.

Во рамките на проектот ќе се одржат три семинари, на кои реномирани универзитетски професори ќе им помогнат на наставниците од одделенска и од предметна настава, како и на стручните соработници од основните училишта на територијата на Општина Аеродром преку интерактивна дискусија да ги надградат своите знаења и да разменат искуства.

Целта на проектот е наставниците во основните училишта да се стекнат со ефикасни стратегии за полесно препознавање на насилни ситуации во нивните училишта,

„Насилството меѓу учениците е едно од најактуелните глобални феномени присутни и во Македонија“, изјави на почетокот на семинарот проф. по правни науки, д-р Дејан Мицковиќ, и додаде дека најдобар пристап за справување со овој проблем е превенцијата.

Да се превенира насилството меѓу учениците е пораката и на проф. по педагошки науки, д-р Елизабета Томевска-Илиевска, бидејќи, како што рече, Македонија е земја во која насилството е секојдневие. Додека професорката по социолошки науки, д-р Татјана Стојаноска Иванова, посочи дека семинарот е посветен на психолошките аспекти на овој присутен проблем во училиштата и дека во текот на дискусијата ќе се разгледаат и европските искуства и практики во превенирањето на оваа појава.

Другите теми што ќе се обработуваат во текот на семинарот се правата на децата, правни, социолошки, психолошки и педагошки аспекти на насилството и малтретирањето (булингот) во училиштата, психолошки последици од изложеноста на малтретирање и насилство во училиштето и можности за нивно рано препознавање и превенција, позитивни европски практики за намалување на насилството во училиштата, како и наоди од најнови релевантни истражувања спроведени кај нас и пошироко.