Олумчев: Го запоставивме грипот, кој наредниве недели ќе го возвраќа ударот

Гевгелискиот епидемиолог Сашко Олумчев вели дека високите бројки на ковид инфицирани граѓани во општина Гевгелија се логични и очекувани имајќи во предвид дека Гевгелија е погранично место во кое исто така се организираа прослави и масовни собири, а не се воведуваа дополнителни рестриктивни мерки сметајќи дека Омикронот не предизвикува тешки симптоми кај заразените.

– Мислам дека со тоа се направи најголемата грешка затоа што не се направија доволно секвенционирања, за да се види за кој сој се работи, оти според мене се уште Делта сојот ни е доминантен во однос на Омикрон во однос 60:40 отсто и кога на тоа ќе се додаде фактот дека сега е сезона на грипот по чие спојување со ковидот се доаѓа до вака тешка ситуација која врши огромен притисок врз здравството, вели Олумчев.

Посочува дека капацитетите на гевгелиската општа болница за хоспитализација на ковид пациенти се полни, голем број на здравствени работници се преморени или на боледување (како и самиот тој) и очекува уште тешки денови поради високата инциденца на заболени која во Гевгелија изнесува 17 на 100 000 жители.

– Тврдам дека многу го запоставивме грипот бидејќи неговите симптоми се речиси идентични со Омикрон сојот, па матичните лекари тешко го разграничуваат, ги праќаат заболените во ковид центрите каде дополнително се заразуваат и затоа мислам дека и наредните недели сезонскиот грип ќе го враќа ударот, оти и од него се умира, вели Олумчев.

Според Олумчев, за тешката ситуација придонесува и малиот број на вакцинирани со трета „бустер” доза кој изнесува само 20 отсто од населението, затоа што вакцината не штити целосно од зараза, а по извесен период се намалуваат и антителата па се случува да имаме и реинфицирани пациенти дури и по два пати.

– Затоа апелирам уште еднаш, по кој знае кој пат, да се прими и третата доза на антиковид вакцина затоа што доколку продолжи мутирањето на овој вирус, можеби ќе биде потребна и четврта доза, вели Олумчев и додава дека вакцините сеуште се единствениот начин за борба против пандемијата.