Основното јавно обвинителство Штип преку соопштение информираше дека е донесена Нареба за споведување истражна постапка против две лица. Тие се сомничат дека при крајот на минатата година испратиле повеќе заканувачки пораки кон трето лице, изнудувајќи му парични средства.
„Соочен со сериозни закани кон сопствениот и животите на членовите на своето семејство, оштетениот ги пријавил осомничените, по што на 4 јануари била организирана средба за да им предаде 30.000 денари. Полициски службеници ги затекнале при обидот да ги преземат паричните средства и ги уапсиле, информира Обвинителството.
Во текот на претходната постапка, Основното јавно обвинителство Штип обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека истите лица на 16 декември, пред зграда на улицата “Сремски фронт” во Штип намерно запалиле паркиран автомобил “Сеат леон” сопственост на една оштетена. На тој начин со умисла предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето“, се вели во соопштението.
Од обвинителството додаваат дека е доставиле предлог до судот во Штип да се определи мерка притвор против осомничените, поради опасноста од бегство, можноста да влијаат врз сведоците или да ги повторат делата. Судот го прифатил предлогот и им определил притвор во траење од 30 дена.