Охридско-струшката ривиера преполна, еколошката свест ја нема никаде

Преполни чаршии, кафулињата и рестораните исполнети до последното место, а се бара и кревет повеќе во хотелите и кај приватните станоиздавачи. Слична слика е и на плажите, Охрид и Струга го живеат шпицот на туристичката сезона.

Пред Илинденскиот викенд по традиција ги наполни двата крај езерски града.

Бројните ноќни забави, фестивали, музичко сценски перформанси во овој период од годината дополнитечно ги привлекуваат многубројните домашни и странски туристи, кои покрај забавата уживаат во природните убавини, културните знаменитости и чистата езерска вода на охридско-струшката ривиера. Покрај домашните, најбројни се туристите од соседството, Холанѓани, Полјаци, Турци…

Но, јавната свест кај дел од нив е на ниско ниво, тоа го покажува сликата која ја оставаат зад себе со купишта отпад, остатоци и амбалажа од храна и пијалоци.

Екипите на јавните комунални претпријатија се постојано на терен, во три смени и со зголемен број вработени ги извршуваат работните задачи за чистење на јавните површини и одржување на хигиената.

– Зголемен е бројот на вработени кои извршуваат работни задачи во три смени, секојдневно се врши празнење на сите корпи за отпадоци од јавни површини, а зголемена е динамиката на празнење на контејнери со цела можна работна сила и расположлива механизација. Со оглед на тоа што во овој период е констатирана поголема гужва, поставени се поголем број контејнери и корпи за отпадоци посебно во централното градско подрачје и по езерскиот кеј, информира јавното претпријатие „Охридски комуналец“.