Со 30 гласа ЗА Советот на Град Скопје даде 140 милиони денари за улицата „Цветан Димов“ во Чаир иако проектот за улицата не е јавно достапен ниту го видел некој од советниците, алармираат од иницијативата Зелен Хуман Град.
Оттаму деновиве предупредија дека со изградбата на оваа улица ќе се исече дрворедот и со тоа ќе има, како што велат, уште една пустина во Скопје.
Од ЗХГ ги споделија и фактите:
- 140 мил. мкд се 20% од годишниот буџет на Град Скопје за улици и патишта
- Според јавно достапни проценки (сосе експропријациите), вкупната сума за улицата може да надмине 6,5 милиони евра
- На потегот има над 100 повеќедецениски дрвја кои се во опасност да бидат отстранети
- Не постојат никакви гаранции дека со 6,5 милиони евра ќе се создаде безбедна инфраструктура за ранливите учесници во сообраќајот.
- Ги прашавме советниците дали практикуваат да даваат свои пари без да знаат што купуваат. Ако со своите пари не го прават тоа, зошто им е прифатливо да го прават со парите на граѓаните?! Апелираме до сите жители на Скопје: контактирајте ги советниците за кои сте гласале, инсистирајте Советот да не дозволи работите на терен да започнат без јавноста да има увид во проектот и доволно простор за тој проект да се смени ако има потреба, порачаа денеска од ЗХГ.