Одложено судењето против агентот за недвижности обвинет за измама при купопродажба на станови

Главната расправа за предметот во кој обвинет е агентот за недвижности за случајот со измамата при купопродажба на станови која ја обелодени МИА, закажана за денеска, се одложи бидејќи не беа исполнети условите за одржување на истата. Во судот денеска не беше присутна судијката која го води процесот, Александра Ристеска, како и обвинителката, Ана Стојковиќ Димитровска.

Според информациите од судот, судијката е на боледување, додека, обвинителката не доставила информација за отсуство. МИА се обиде да стапи во контакт со обвинителката за да ја дознае причината за отсуство, но, неуспешно.

Првата расправа за овој предмет закажана за 1 јули годинава, при што на истата обвинетиот не се појави, се одложи за 1 септември.

На расправата која се одржа на 1-ви септември обвинетиот агент за недвижности изјави дека до 20-ти септември ќе обесштети дел од сумата, а до крајот на октомври ќе го врати целиот износ од околу 48 илјади евра со кои оштетил 10 граѓани. На расправата закажана на 20-ти септември, обвинетиот повторно не се појави, со што судот му определи мерка притвор.

Неколку дена по одржаната расправа на која поради отсуството на обвинетиот му беше определена мерката притвор, на прашање на МИА до каде е приведувањето, од Основниот Кривичен суд – Скопје изјавија дека тој доставил медицинска документација дека бил здравствено спречен да дојде на расправата закажана за 20-ти септември.

До судот, како што информираа од Кривичен, обвинетиот доставил и потврда за уплата на дел од сумата која што ја побаруваат оштетените. Станува збор за уплата на трансакциска сметка на една од оштетените во износ од 50 евра.

Од Основниот кривичен суд – Скопје своевремено изјавија дека медицинска документација, заедно со потврдата за уплата, е доставена до надлежниот обвинител кој постапува во предметот и на следното рочиште обвинителот треба да се произнесе дали останува на предлогот да има решение за притвор или ќе се согласи на поблаги мерки.

Десетина дена по расправата на која судот определи мерка притвор за агентот, од Кривичен бараа обвинетиот да ја комплетира претходно доставената медицинска документација за „оправдано отсуство“.

На повторно прашање на МИА до каде е решението за притвор на обвинетиот, односно зошто сè уште не се преземени конкретни мерки, од Основниот кривичен суд – Скопје, информираа дека чекаат да ја прибави целокупната документација и да ја достави до судот.

– Во однос на вашето прашање, а по консултација со надлежниот судија, Ве известуваме дека до обвинетиот е испратено барање да ја прибави целокупната медицинска документација за неговата здравствена состојба и во оригинал да ја достави до судот, а воедно во однос на неговите уплати
на дел од штетата која ја побаруваат оштетните како и досегашната медицинска документација од обвинетиот е доставена на произнесување кај надлежниот Јавен обвинител, соопштија за МИА од судот.

По сето ова, главната расправа беше закажана за денеска, 26 ноември 2021 година, меѓутоа, истата не се одржа заради отсуство поради боледување на судијката и беше презакажана за 7-ми декември.

Обвинетиот, 41 годишен скопјанец, се товари за Кривично дело – Измама, бидејќи, според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја Агенција за недвижности е овластен од име на  сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност.

Процесот на договарање за купување на становите траел сѐ до моментот кога купопродажниот договор требало да се однесе на нотар, при што агентот, тогаш, настапувал со разни оправдувања дека не е во можност да се сретне со купувачите, поради боледување, отсуство на сопственикот, и слично, по што купувачите сфатиле дека се работи за измама и веднаш го пријавиле случајот.

МИА го обелодени случајот и континуирано бараше одговори од пријавата за „Измама“, која беше доставена до Министерството за внатрешни работи на 23 март 2021, до оформувањето на предметлишувањето од слобода на агентот, како и постапката која ја поведе Обвинителството и определените мерки за претпазливост, па сè до Обвинителниот предлог кој следуваше веднаш по укажувањето од МИА дека оштетените во видео изјава за нашиот медиум ги споделија своите сведоштва.

Застапник на обвинението е обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска, а случајот го води судијата Александра Ристеска.