Одбележан Европскиот ден за борба против трговија со луѓе и јубилејот 20 години од основањето на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција

Националната координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција и државна секретарка на Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска, заедно со членовите на Националната комисија со пригоден настан го одбележаа Европскиот ден за борба против трговија со луѓе преку јубилејна промоција на работата на Националната комисија во изминатите 20 години.

Како што информира МВР, настанот се одржа во комбиниран формат, со присуство на дел од членовите на Националната комисија во Министерството за внатрешни работи и преку електронската платформа „Зум“, преку која пошироката стручна јавност можеше да го проследи настанот.

-Нашата борба и нашето внимание против ова зло на човештвото – трговијата со луѓе, не може и не смее да заврши тука. Ние, како Национална комисија ќе продолжиме со несмален интензитет заедно со сите чинители да работиме, прво на полето на подигање на јавната свест и превенцијата, со цел да обезбедиме што поголема видливост на жртвите на трговија со луѓе. Поголемата видливост значи поголема превенција и обезбедување поголема заштита на жртвите. Тоа подразбира ефикасни истраги и кривичен прогон и соодветно санкционирање на сторителите. Сето ова претставува  одговор на државата за обезбедување на полесен и побрз пристап до правдата, за адекватно обештетување, со цел жртвите да продолжат со своите животи. Само ваквиот комплексен пристап на државните органи, заедно со меѓународните организации и здруженија на граѓани, може да ни гарантира успешни резултати во борбата против трговијата со луѓе, рече Несторовска во обраќањето.

Беше отворена и дискусија за улогата на Националната единица во борба против трговијата со луѓе, а обраќање во овој дел имаа раководителот и помошник-раководителот на Националната единица за сузбивање криумчарење на мигранти и трговија со луѓе. Претставникот од Министерството за труд и социјална политика се осврна на улогата на Министерството во борбата против трговијата со луѓе.

На одбележувањето на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе и јубилејот 20 години од основањето на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција се обратија и шефицата на Канцеларијата на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Скопје, како и претседателката на Здружението на граѓани „Отворена порта“.