Од Скопје до Софија ќе се патува со воз

Бугарската влада го одобри Меморандумот за соработка помеѓу министерствата за транспорт на Бугарија и на Македонија за развој на железничкиот сообраќај.

Нашиот источен сосед ја презема обврската да ја догради пругата Софија – Перник – Радомир – македонска граница до 2027 година. Македонската влада се обврзува дека трите фази од изградбата на пругата од Куманово до граничниот премин Деве Баир ќе ги заврши до 2025 година. Меморандумот за соработка наскоро ќе се потпише од страна на владите на двете земји.

Влада пред неколку дена доби неповратен грант од Европската унија во висина од 70 милиони евра.

Овие средства ќе бидат искористени за доизградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка. Во моментов тече изградбата на сегментот од Куманово до селото Бељаковце, но градежните работи на терен се одвиваат со многу бавно темпо и веќе е пробиен рокот за пуштање во употреба на првата фаза од проектот.

Од бугарска страна, пругата до Ѓуешево на македонско – бугарската граница се наоѓа во функција и по неа се одвива секојдневен сообраќај на патнички возови. И покрај ова, железничката инфраструктура од Ѓуешево преку Ќустендил до Радомир е во многу лоша состојба и ќе мора темелно да се реконструира во наредниот период.