Од СДСМ заминува зошто оделе во „лош правец“: Саша Богдановиќ ќе формира нова политичка партија - Српска демократска лига

Поранешниот градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Саша Богдановиќ, ќе формира нова политичка партија со назив Српска демократска лига, објави „Фокус“.

Во изјава за порталот, Богдановиќ вели дека тој ќе ја предводи новата партија, но не открива кој друг ќе биде во раководството.

„Партијата ќе се вика „Српска демократска лига“. Името потекнува од 1908 година, кога за првпат се организирале Србите во политичка партија (на територијата на денешна Македонија, н.з.). Јас ќе бидам Претседател на партијата, така се договоривме со луѓето од иницијативниот одбор, но и со луѓето иницијатори за формирање на партијата“, вели Богдановиќ.

Во однос на тоа како новиот политички субјект ќе се позиционира идеолошки и програмски, Богдановиќ вели: „Партијата ќе биде со национална основа, пред се да се бори за подобрување на правата на Србите во Македонија, но ќе има свои сектори и комисии кои што освен за културно, образовни и историски прашања, одговор ќе има и за останати сектори и процеси во општеството“.

Инаку, Богдановиќ посочува дека одлучил да го напушти СДСМ бидејќи, како што објаснува, „сите работи тргнаа и одат во погрешен и лош правец“. Во меѓувреме, тој потврдува дека имал контакти со владејачката ЗНАМ, партијата на уште еден поранешен функционер на социјалдемократите – Максим Димитриевски, но Богдановиќ дека никогаш не се зачленил во оваа партија.

„И покрај некоректноста на раководството на СДСМ во 2021 година за избор на кандидат за локалните избори, јас останав коректен и доследен. Но, за жал сите работи тргнаа и одат во погрешен и лош правец и едноставно се изгубија и погазија сите вредности во кои сме верувале. Сум имал контакти со ЗНАМ, но никогаш не сум се зачленил. Идејата да формираме нова партија трае некое време, но претходно сакавме да направиме консултации и со другите политички чинители“, вели екс-градоначалникот од СДСМ.