
Македонија утре ја прославува 35-годишнината од својата независност.
Низ овие 35 години државата помина низ различни турбулентни периоди испреплетени со длабоки општествени кризи, најпрво преку мачен процес на економска трансформација, познат како „транзицијата“, преку етнички немири, внатрешно-политичка нестабилност која низ годините ќе доведе до поларизација, па т.н. „Шарена револуција“ за рушење на тогашната влада, се до промената на уставното име на државата – со што отпочна една нова епоха од независноста, која што засега е се уште недефинирана.
Од сегашна перспектива, гладано историски наназад, како за мала земја и за релативно краток период, македонските граѓани и државата поминале низ многу перипетии вредни за анализирање и за дискутирање. Сепак, од денешна перспектива е вредно новите генерации да се запрашаат, како во раните 90-ти години на минатиот век, тогашната младина, а денес веќе во поодминати години, ја замислувале иднината на државата која што почнале сите заеднички да ја градат?

Кај помладите кои се уште не биле родени, или оние кои не биле доволно возрасни за да го запаметат денот, најверојатно единствена претстава за тој ден им се сцените од насобраната маса народ на плоштадот „Македонија“, како и прогласот на независноста од првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров.
Неговата едноставна и кратка, но доволно емотивна и моќна честитка: „Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија!“ е реченицата за која низ вековите многумина го положиле својот живот за таа да може да биде кажана на глас.
Веднаш по прогласот на Глигоров, помеѓу присутните на плоштадот и тогашниот ресторан Метропол настанува еуфорија со скандирања „Македонија! Македонија!“, како и најверојатно низ целата земја.
За да се долови атмосферата, околностите на историскиот момент и жарта на тогашната младина, Скопје Инфо разговараше со тогашниот потпретседател на Собранието на Град Скопје, а денеска професор, Јове Кекеновски.
Тој посочи дека во 1991 година, на свои 29 години, тој исто како и останатите во тоа време, понесени од младешкиот идеализам, верувале дека конечно ќе имаат своја држава.

„На таа возраст човек обично размислува за сопствениот живот, професија, семејство, иднина. Ние, по силата на историските околности, добивме привилегија и огромна одговорност истовремено да чувствуваме дека пред наши очи се раѓа државата во која треба да ги живееме сите тие лични соништа. Тоа чувство тешко може да му се објасни на некој што не го живеел тоа време. Не мислевме дека создаваме совршена држава. Не бевме толку наивни. Но верувавме дека конечно ќе имаме своја држава, дека од нас ќе зависи каква ќе биде и дека следните генерации ќе добијат нешто што на многу генерации Македонци пред нас им било само сон. И да, бевме понесени. Имавме младешки идеализам, понекогаш можеби и премногу. Но денес не се срамам од тој идеализам. Напротив“, вели Кекеновски.
Во тоа време, тој имал привилегија, но и одговорност од блиску да ги следи политичките случување и да биде учесник во дел од нив. На денот на Референдумот за независност, тој со останатите негови колеги ги надгледуваат гласачките места во петте тогашни скопски општини: Центар, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир.
Присетувајќи се на тој ден, вели дека не го памети како обичен ден составен од часови, туку како ден што имал своја драматургија и тоа од раноутринската одговорност и неизвесност, преку сè поголемата надеж во текот на денот, до, како што забележува, незаборавната еуфорија на преполниот плоштад нешто пред полноќ.
„Како потпретседател на Собранието на Град Скопје и член на градскиот штаб за спроведување на референдумот, носев сериозна одговорност. Тоа утро немаше многу време за размислување за историското значење на денот. Требаше да се работи. Уште од раните утрински часови, заедно со колегите и соработниците, ги обиколувавме гласачките места во петте тогашни скопски општини: Центар, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир. Следевме дали се отворени навреме, дали гласањето се одвива мирно, дали има некакви проблеми или инциденти и, секако, каква е излезноста. Но она што го гледавме не можеше да се сведе само на бројки и проценти. Пред избирачките места имаше луѓе од сите генерации. Некои беа свечено облечени, како да одат на некој голем семеен настан. Кај постарите особено се чувствуваше една тивка возбуда и тежина на моментот. Имаше насмевки, имаше ракувања, имаше и солзи. Паметам и еден повозрасен човек кој ми пријде со возбуда што не можеше да ја сокрие и, во суштина, ми рече дека тој ден ја допишуваме историјата. Таквите средби тогаш можеби траеја само неколку секунди, но остануваат во човекот цел живот“, раскажува Кекеновски за првата половина од денот.
Како што одминувале часовите, излезноста растла, а со неа растело и уверувањето дека Македонија тој ден ја носи својата историска одлука. Тогашниот потпретседател на Собранието на Град Скопје, истакна дека некаде околу 16 часот веќе било јасно дека нешто големо се случува. Се присети дека спонатно во тој момент започнале и подготовките за прославата.

„Тогаш, практично во од, со Милан Талевски (тогашен Претседател на Собранието на Град Скопје) и со луѓето кои беа вклучени во организацијата, почнавме да размислуваме: ако резултатот биде таков каков што сите го посакувавме, народот мора да има место каде заедно ќе го дочека и ќе го прослави. И така започна подготовката на прославата на плоштадот. Без однапред напишано сценарио, без денешната продукција, без големи организациски тимови. Сè се создаваше во неколку часа – бина, озвучување, светла, комуникација со државниот врв. Импровизиравме, но знаевме зошто го правиме тоа“, објаснува Кекеновски.
Откако се спуштила вечерта, како што вели тој, Скопје почнало да се менува пред нивни очи - отпрвин на плоштадот немало речиси никој, а потоа почнале да пристигнуваат луѓе.
„Од една улица, од друга, од сите страни. Сè повеќе и повеќе. До десет часот веќе гледавме реки народ што се слеваа кон центарот на градот. Плоштадот стана претесен за сите што сакаа да бидат таму. Тогаш веќе не бев само потпретседател на градското собрание кој има службени обврски. Бев еден од тие илјадници луѓе. Еден 29-годишен Македонец кој гледаше како она за што до вчера се зборувало како за идеал, желба или историски сон, пред неговите очи станува реалност. А кога нешто пред полноќ беа соопштени резултатите и беше прогласена независноста, целиот плоштад како да се претвори во едно големо срце. Се слушаше „Македонија“, луѓето се прегрнуваа со познати и непознати, се плачеше и се радуваше истовремено. Таков ден човек не го памети само со умот. Го носи во себе цел живот“, забележува Кекеновски.
Триумфот кој кулминира во ноќните часови од референдумскиот резултат, професорот го окарактеризира како „колективно ослободување на емоции наталожени со генерации“, а извиците на илјадници луѓе со „Македонија!“ во себе носеле: гордост, надеж, пркос, љубов, сеќавање на минатото и вера во иднината. Тој бил сведок на сцени во кои луѓе што не се познавале почнале да се прегрнуваат, на солзи радосници и насмеани лица во исто време.
„Никој не прашуваше кој од која партија е, кој каква функција има и кој од каде доаѓа. Барем во тие неколку часа бевме само едно - граѓани на Република Македонија“, се потсети тој.

Запрашан за состојбата на тогашниот претседател Киро Глигоров и тогашниот премиер Никола Кљусев, Кекеновски вели дека двајцата ги памети како одговорни кои биле свесни за историското значење на вечерта.
„Киро Глигоров го паметам како прибран и достоинствен. Кај него се чувствуваше свеста за тежината на моментот и за одговорноста што допрва доаѓа. Никола Кљусев, исто така, беше видливо понесен од атмосферата и од историското значење на вечерта. Но тоа не беше прослава на политичари. Всушност, политичарите таа вечер беа само неколку луѓе на една импровизирана бина пред морето од народ. Но ако треба да го пренесам духот на тие моменти, тогаш чувството беше јасно: успеавме да ја добиеме државата, а од утре почнува многу потешката задача, да ја изградиме и да ја сочуваме“, посочи Кекеновски.
Професорот за крај забележува дека и денешните млади се исто така родољуби. Но дека постои разлика помеѓу неговата генерација со денешната и идните – а тоа е дека едната едната се борела за создавање на државата, а другите ќе треба да се борат за тоа каква држава Македонија ќе биде.

„Нашата генерација имаше една огромна, јасна и лесно препознатлива историска цел - да создадеме самостојна држава. Денешната генерација ја наследи таа држава, но за жал наследи и многу наши незавршени работи, разочарувања, политички поделби, неправди и изгубена доверба во институциите. Затоа не сакам да ја обвинувам младината кога ќе слушнам дека некој млад човек сака да си замине од Македонија. Повеќе се прашувам што направивме ние за тој млад човек да посака да остане. Патриотизмот денес не треба да го мериме само со знаме, химна или големи зборови. Патриотизам е да создадеме држава во која младиот човек ќе знае дека знаењето ќе му биде поважно од партиската книшка, дека трудот ќе му биде вреднуван, дека законот ќе важи еднакво за сите и дека својата иднина може да ја изгради дома. Наша обврска е да не им оставиме само државна територија, знаме и спомени од 1991 година. Треба да им оставиме држава во која ќе вреди да се живее. Зашто Македонија не ја создадовме за една генерација. Ја создадовме за сите оние што ќе доаѓаат по нас со векови. И ако нешто од духот на 8 Септември треба да им го пренесеме, тогаш тоа е едноставно: оваа држава е нивна исто колку што беше и наша тогаш, и вреди да се сака, да се чува, но и постојано да се прави подобра“, порача Кекеновски.
В.Ј.