Од понеделник почнува етапната исплата на септемвриските пензии

Oд понеделник, 28.9.2020 година, почнува етапната исплата на септемвриските пензии. Министерството за труд и социјална политика информира дека пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите што не користат картички ќе се реализира во четири групи според висината на пензијата:

– В понеделник, 28.9.2020 година, исплата на пензиите со висина до 11.000 денари;
– Во вторник, 29.9.2020 година, исплата на пензиите во висина од 11.001 денар до 14.000 денари;
– В среда, 30.9.2020 година, исплата на пензиите во висина од 14.001 денар до 18.000 денари;
– В четврток , 1.10. 2020 година, исплата на пензиите во висина над 18.000 денари.

Пензионерите што користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата со парите може да располагаат од понеделник, 28 септември. Тие може да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.

Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.

Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките, како и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.

Задолжително е носењето лична заштитна опрема, која ги покрива пределот на носот и устата, како и држење растојание при чекање ред пред и внатре во банките.