Од „На Точак“ со критики за општините кои ќе даваат субвенции за полагање на возачка дозвола

Од иницијативата „На Точак“ со критика за мерките на трите скопски општини, Кисела Вода, Карпош и Центар, кои преку субвенции ќе им помагаат на младите да дојдат до дозачка дозвола. 

Од „На Точак“ велат декаденес кога сме преплавени од автомобили, небезбедност, хаос, ужасен град за еден млад човек, и она што ни треба сигурно не е уште поголемо поттикнување на таа автоцентрична култура. 

Мерката ја оценија како популистичка, со оглед дека се наближуваат локалните избори. 

- Во време кога е повеќе од евидентно дека треба да се намали употребата од персонални автомобили (пред сѐ од урбанистички и сообраќаен аспект, но и од еколошки и безбедносен), општинските татковци почнаа да ги стимулираат младите повеќе да возат коли! По неколку страшни сообраќајни судири во кои виновниците се млади возачи на автомобили наместо градоначалниците да имаат зголемени активности и инвестиции во овозможување безбедна и незагадувачка урбана мобилност за младите (подобри услови за пешчење, движење во инвалидска или бебешка количка, возење велосипед, тротинет, ролшули, итн.) тие решаваат да ги стимулираат тинејџерите побрзо да добијат возачка дозвола за управување со автомобил, наведуваат во објава на својот официјален фејсбук форил од „На Точак'. 

- Овие градоначалници треба да се засрамат што свесно се одлучуваат за мерка што не беше прифатлива ни во минатиот век, а камо ли денес кога сме преплавени од автомобили, небезбедност, хаос, ужасен град за еден млад човек, и она што ни треба сигурно не е уште поголемо поттикнување на таа автоцентрична култура. Дополнително, овој тип на таргетирана субвенција даден на штотуку полнолетни лица во изборна година може да се смета за лесно и директно влијание на новите гласачи. Она за што градов е очаен не се популистички мерки! - појаснуваат оттаму. 

Нагласија дека она што на Скопје очајно му треба се храбри политичари кои ќе го намалат бројот на автомобили на улиците, ќе ги ослободат тротоарите, ќе го развијат јавниот превоз да биде беспрекорен (чист, достоинствен, редовен, побрз од автомобилите), ќе ја доразвијат велосипедската мрежа, ќе го смират сообраќајот и ќе направат животот на младите (и сите!) да може да функционира совршено дури и без автомобил или со минимална употреба на автомобил.

- Но за тоа треба визија, храброст, знаење, многу работа, меѓуинституционална соработка, многу конфликти со востановени практики, промена на културата. За субвенции, од друга страна, треба само еден јавен повик!