Од Македонија замина уште една група Авганистанци

Нова група од 43 авганистански граѓани замина од  Македонија откако за нив била подготвена потребната документација за влез во трета земја како нивно трајно прибежиште, информира владината прес-служба.

„Нашите институции, во текот на привремениот престој овде им ја овозможија целата потребна поддршка, а трошоците беа покриени од меѓународните организации.

Овие цивили дојдоа во нашата земја преку планот за големата меѓународна операција за помош на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти и нивни семејства, а се под закана на новиот талибански режим во Авганистан”, се наведува во соопштението.

Во моментов во земјава престојуваат 505 авганистански граѓани, а од Македонија досега заминаа 128 лица на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.