Од дете на самохрана мајка до борец за еднакви можности - Божиновска од „Плати семестар“ децидна дека образованието не смее да зависи од донации

Здружението „Млади од семејна разновидност“ вчера доби награда за младинско учество 2026, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на младите – 12 Август. 

Настанот беше организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади, во партнерство со НМСМ, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и УНДП. Според министерот Ѓоко Велковски, овие награди се признание за младинскиот активизам и за младите кои не чекаат некој друг да ги реши проблемите, туку тие самите преземаат иницијативи, организираат активности и помагаат.

Здружението „Млади од семејна разновидност“  на чело со претседателката Елена Божиновска ја доби наградата во категоријата „Младински организации, организации за млади и чадор младински организации“. Велковски, кој ја додели токму оваа награда, рече дека е особено горд што оваа награда ја добива ова здружение кое работи со млади лица кои доаѓаат од различни семејни средини – еднородителски и згрижувачки семејства, деца без родителска грижа и други форми на семејна разновисност.  

За неверојатната мисија и хуман активизам на овие млади лица разговараме токму со младата Елена Божиновска. 

Здружението „Млади од семејна разновидност“ работи со деца и млади од самохрани и еднородителски семејства. Божиновска на само 18 години го основала здружението, поттикната од сопственото искуство како дете на самохрана мајка и од желбата да придонесе кон создавање поправедно општество за овие семејства.

Денес, на 25 години, Божиновска професионално работи како ESG специјалист, со фокус на социјална одржливост и еднакви можности. Таа е стипендистка на италијанската Влада за мастер-студии на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим, а моментално е на втор мастер на Чешкиот универзитет за животни науки во Прага.

Во разговорот за предизвиците со кои се соочуваат самохраните родители и нивните деца, Божиновска зборува отворено за нееднаквоста, системските пропусти и потребата од конкретни политики, наместо само декларативна поддршка.

„Сочувството само по себе не е доволно“, вели таа, нагласувајќи дека вистинската промена бара решавање на причините поради кои овие семејства се доведуваат во нееднаква положба. 

- Нашата работа не се сведува само на финансиска помош. Се обидуваме да создадеме услови во кои едно дете или млад човек нема однапред да биде ограничен од околностите во кои е роден. „Плати семестар“ е само еден дел од таа борба, но стана највидливиот, порачува Божиновска. 

Во продолжение интервјуто кое треба да инспирира, да нѐ обедини и да нѐ направи подобри луѓе...

Од кога постои иницијативата „Плати семестар“ и како се роди идејата?

Идејата постои од лани. Постојат млади луѓе кои се откажуваат од факултет не затоа што немаат амбиција или капацитет – туку затоа што немаат пари. Тоа е моментот што најмногу боли. Еден неплатен семестар најчесто значи прекин на студиите, а прекинот лесно станува трајно откажување. „Плати семестар“ се роди токму од потребата да не дозволиме финансиската состојба на семејството да биде причина поради која некој ќе се откаже од својот сон.

На колку студенти им помогнавте досега?

Минатата година – над 122 студенти. Оваа година бројката на оние кои побараа стипендија достигна 140, иако дел од студентите од претходната година веќе дипломираа. Најголемиот успех не е бројот на платени семестри, туку тоа што успеавме да ги задржиме во образованието оние кои инаку можеби ќе излегле од системот.

Има ли голем одзив за донирање од страна на поединците, компаниите...?

Да бидеме искрени, има – на крајот на денот македонскиот народ е многу солидарен. Но, истовремено мислам дека како општество мораме да си поставиме едно непријатно прашање: зошто образованието на еден млад човек воопшто зависи од тоа дали ќе се најдат доволно граѓани кои ќе донираат? Платформата ECrowd и Борче од „Донирај компјутер“ беа првите кои ни подадоа рака, а по нив поддршката почна да доаѓа од сите страни – како еден вид рој што постојано растеше.

Особено значајна ни беше поддршката од компаниите и партнерите кои веруваа во иницијативата уште од почеток, меѓу кои „Тиквеш“, „Комерцијална банка“, „Старт ап Клуб Скопје“, „Среќа Бар“, „Канал 77“, Креативно студио „КОМБО“ и ресторанот „Каневче“. На кои во овој момент им давам почит и благодарност – тие не ни помогнаа само финансиски, туку ни дадоа и потврда дека идејата вреди и дека не сме сами во ова, што значи и повеќе од се. Но, образованието не треба да биде нешто за кое мораме да собираме донации за да му овозможиме некому да продолжи – тоа е право и јавен интерес.

Иако денес мора да постои „Плати семестар“ за да се спречи млад човек да се откаже од факултет, не треба само да се радуваме што успеваме да собереме средства. Треба и да се запрашаме зошто тие средства воопшто мораме да ги собираме.

Имате ли некоја успешна приказна која особено ви станала драга и сте посебно горди на неа?

За нас нема една успешна приказна – во моментов имаме 122. Тоа се студенти кои можеби морале да изберат меѓу факултетот и финансиската реалност дома, но сепак продолжиле. Не го замрзнале семестарот, не се откажале од испитите, од индексот, од иднината што ја граделе со години. Уште 11 од нив само што дипломираа, што за мене е особен успех, бидејќо добивме нови академски граѓани за кои сум сигурна дека многу ќе придонесат во развојот на нашето здравство, архитектура, уметност, култура…

Како ги препознавате оние на кои навистина им е потребна помош?

Ова е еден од најодговорните делови од целата иницијатива. Гледаме на целата слика – семејни, социјални и економски околности. Сиромаштијата не изгледа секогаш очекувано: некои молчат, некои се срамат, некои работат паралелно со студиите. Затоа процесот не смее да биде само административен, туку мора да има човечки пристап, и да се гледа целата слика. Во нашиот случај потребно е да достават доказ дека доаѓаат од самохрано или еднородителско семејство, да ги внесат месечните примања, да достават потврда за студирањето. Некои од нив ја споделија и нивната лична приказна со нас, што секако додава вредност.

Благодарноста од оптеството знае да биде тивка, пасивна... Какво е вашето искуство? На кој начин ви се возвраќа благодарноста?

За нас, најголемата благодарност е кога веќе не сме потребни – кога студентот дипломира, најде работа и станува финансиски независен, за еден ден самиот да му помогне на некој друг. Има и моменти на замор и разочарување, но кога ќе добиеме порака од некој наш студент дека продолжил со студиите, повторно сфаќаме зошто го правиме ова. Среќни сме и кога ќе добиеме награда или признание, бидејќи реално ни дава поттик да ја продолжиме нашата мисија.

Сте се запрашале ли некогаш зошто токму вие мора да го решавате овој проблем?

Секако, и мислам дека тоа е прашање кое треба почесто да си го поставуваме. Не е нормално невладини организации, граѓани и компании да собираат средства за да спречат млад човек да се откаже од факултет. Тоа е убаво и неопходно во моментот, но не треба да биде крајно решение. Ние можеме да бидеме мост – не можеме и не треба да бидеме систем.

Сметате ли дека ова што го правите треба да биде обврска на системот?

Апсолутно. „Плати семестар“ постои затоа што државата не успева да обезбеди основна образовна еднаквост. Ние ќе продолжиме да помагаме бидејќи денес има студенти на кои им треба помош – но паралелно мора да зборуваме и зошто ваквите иницијативи воопшто се потребни. Финансиската состојба на едно семејство не смее да ја одредува иднината на детето.

Нашата најголема желба е оваа иницијатива еден ден да стане непотребна – затоа што системот конечно ќе ја обезбедува шансата што денес мораме да ја обезбедуваме ние.