
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски сподели дека денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски извршиле увид во изградбата на новиот мега парк долж булеварот „Христијан Тодоровски - Карпош“, при што најави дека запуштениот простор многу наскоро ќе прерасне во модерен, функционален и убав зелен центар за сите генерации.
На површина од 8.000 метри квадратни никнува мега парк со богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки, фитнес зони и содржини наменети за сите возрасти.
„Бутел, за мене е место за кое ме врзуваат многу спомени, каде поминав голем дел од моето детство и место кое секогаш ќе има посебна вредност за мене. Токму затоа, кога гледав како овој простор со децении стои запуштен, заборавен и оставен на безидејноста, знаев дека мора да добие нов живот. Со градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски си дадовме збор дека ова место повеќе нема да биде симбол на негрижа, туку пример за тоа како се работи кога има визија, волја и љубов кон градот“, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.

Тој посочи дека ова е простор за децата, за младите, за семејствата, за пензионерите, простор за сите граѓани.
„Парковите се места каде се создаваат спомени, каде децата растат поздраво, каде граѓаните се среќаваат, се дружат и се чувствуваат како дел од една заедница. Зеленилото значи почист воздух, поздрава животна средина, помалку урбана жештина, повеќе простор за одмор, рекреација и живот. Затоа инвестицијата во паркови е инвестиција во здравјето, во квалитетот на животот и во иднината на Скопје“, вели градоначалникот, додавајќи дека овој парк е еден од четирите мега паркови ветени во неговата програма.

Дополнително, како што наведе, се предвидува изградба на околу 50 мали паркови во сите скопски општини, од кои дел веќе биле започнати, со цел, како што вели, секое маало, секој дел од градот и секое семејство да добие свој зелен агол.
„За Бутел имаме големи планови и сериозни капитални проекти кои ќе го променат квалитетот на животот на жителите од оваа убава општина“, порача Ѓорѓиевски.