Од денеска отворена изложба „Отпорност – Приказни за жени кои инспирираат промени”

Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ денеска ќе биде поставена изложбата „Отпорност – Приказни за жени кои инспирираат промени”.

По повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, фондацијата World Press Photo и Кралството Холандија претставуваат избор на приказни, наградени на конкурсите на World Press Photo од 2000 до 2021 година, кои ја истакнуваат отпорноста и предизвиците на жените, девојките и заедниците низ светот.

Како што најавија организаторите, изложбата ќе ја отворат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.

Во рамки на изложбата, кураторката од фондацијата World Press Photo, Марика Цукровски, утре ќе одржи предавање во Кинотеката на Северна Македонија.

Изложбата е организирана од Македонскиот центар за фотографија во партнерство со Националната галерија, а финансиски поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија.

Македонскиот центар за фотографија организира и фотоработилница за документарна фотографија на тема „Човекови права” на која учествуваат 11 студенти по фотографија.