Од центарот на Скопје со воз до меѓународниот аеродром

Македонскиот главен град до 2030 година треба да добие железничка врска од Транспортниот центар до Меѓународниот аеродром Скопје.

Воведувањето на новата железничка линија е само еден од проектите што се вметнати во Националната Транспортна Стратегија 2018-2030 година, која што ја презентираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Стратешкиот документ опфаќа имплементационен план во кој се опфатени 104 активности со проценет буџет од околу 4,2 милијарди евра, кои треба да почнат да се реализираат во периодот до 2030 година.

Стратегијата се заснова на четири цели, кои со реализацијата на предвидените проекти ќе овозможат намалување на бројот на смртни случаи во транспортот за 50% до 2030 година, намалување на емисиите на стакленички гасови за 18,6% до 2030 година, подобрување на економската одржливост на национално ниво и завршување на патната и железничката инфраструктура на Пан-европските коридори и европските рути.

 

Покрај изградбата на директна железничка врска до скопскиот аеродром, државата планира до 2030 година да ги реализира проектите за изградба на автопатите Скопје-Блаце, Гостивар-Кичево, Кичево-Охрид, Струмица-граница со Бугарија и Крива Паланка-граничен премин Деве Баир. Воедно, во стратешкиот документ е предвидено да се реконструира патниот Коридор 10 и да се надградат регионалните патишта Куманово-Страцин и Струга-Ќафасан. Во претстојната деценија е зацртано да се реализира во целост патниот Коридор 10д, кој на потегот од Градско до граничниот премин Меџитлија кај Битола би бил надграден на ниво на експресен пат.