Од 1.јули поскапа струја - Бислимовски појасни што тоа ќе значи за домаќинствата и општините

-Кога ќе ја носиме новата одлука за цената на електричната енергија на регулираниот пазар што ќе важи од 1 јули годинава ќе направиме се за да се спречат малверзациите кои можат да влијаат на зголемување на цената што ја плаќаат домаќинствата, порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски во гостување на ТВ Телма. 

-Ова што го прават општините ниту е етички ниту, пак, морално. Кога беа намалени цените на слободниот пазар, општините штедеа – тогаш беше во ред. Сега кога се зголемија веднаш се прават малверзации за да се вратат на регулиран пазар. Има и компании кои прават фиктивен договор па се враќаат на регулираниот пазар. Сега кога ќе ја носиме одлуката нема да дозволиме овие непредвидени трошоци направени во најмала рака на некоректен начин да удрат на грбот на домаќинствата. Затоа при носење на одлуката на цената РКЕ ќе преземе се што е во наша надлежност за да не бидат оптоварени домаќинствата со овие малверзации на општините и компаниите. Ако е криза за сите е криза, рече Бислимоски во емисијата „Топ тема“ на Телма. 

Ги повика општините и компаниите да бидат инвентивни и да постават фотоволтаици на своите покриви.

-Зошто општините не ги искористат покривите на училишта, на градинки на сите институциите што ги имаат. Зошто не размислуваат покрај фотоволтаци да изградат и мали хидроелектрани, како што имаат општините Кавадарци и Битола, рече Бислимоски.