Од 14 јули нови правила за giveaway: Организаторите ќе мора да имаат дозвола и јавно да ги објавуваат добитниците

Од 14 јули почнува примената на новиот Закон за игри на среќа и за забавни игри, со кој за првпат се воведува регулирана законска рамка за организирање подарувања, односно giveaway активности.

Со новото законско решение, организаторите на вакви игри ќе мора задолжително да обезбедат дозвола, да платат надоместок за приредување, јавно да ги објават правилата пред почетокот на играта, како и резултатите и добитниците најдоцна три дена по извлекувањето или определувањето на добивките.

Целта на законот е да се воспостават јасни правила, обврски и услови за организаторите, но и да се обезбеди поголема транспарентност, правна сигурност и заштита на учесниците.

Согласно новото решение, дозволата за организирање giveaway ќе се добива по поднесување барање до Министерството за финансии, најдоцна 30 дена пред денот определен за започнување на играта.

Доколку организатор е трговец поединец, кон барањето ќе треба да достави правила на подарувањето, докази за потеклото на наградите, документ за регистрација од Централниот регистар, информација за економско-финансиската состојба врз основа на последната годишна сметка, доказ за платен надоместок за поднесување барање во износ од 100 евра во денарска противвредност, како и доказ за подмирени јавни давачки по основ на даноци, царини и придонеси.

Ако организатор е трговско друштво, покрај оваа документација, ќе треба да достави и потврди од Регистарот на казни дека на правното лице не му е изречена забрана за добивање или одземање дозвола за приредување игри на среќа, ниту привремена или трајна забрана за вршење на таква дејност.

Законот предвидува и надоместок за приредување на играта во висина од 18 проценти од вкупната вредност на наградниот фонд. Надоместокот треба да се плати пред почетокот на играта, во рок од три дена од приемот на дозволата. Доколку не биде уплатен во предвидениот рок, дозволата ќе се одземе.

Новина е и обврската правилата на играта да бидат јавно објавени пред започнување на подарувањето. Тие треба да содржат податоци за организаторот, производите или услугите што се рекламираат, условите за учество, времетраењето на играта, начинот на извлекување и определување на добитниците, вредноста на наградите и вкупниот награден фонд, начинот на доделување, постапката за приговор, како и забрана за учество на вработените кај организаторот и членовите на нивните потесни семејства.

Паричните и стоковните награди ќе мора да бидат исплатени, односно преземени, во рок утврден со правилата на играта, кој не може да биде подолг од 60 дена од објавувањето на резултатите.

Една giveaway игра нема да може да трае подолго од една година.

Со законот за првпат се воведува и дефиниција за подарување, односно giveaway. Според новото решение, тоа е игра на среќа во која влогот за учество се состои од активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржини, а која се организира од трговско друштво или трговец поединец заради рекламирање производи или услуги.

Законот ги дефинира и поимите „лајкување“ и „тагнување“ како влог за учество. Лајкувањето претставува покажување интерес или позитивна реакција кон одредена содржина, додека тагнувањето значи означување лице, фотографија или видео, кога таквата активност е услов за учество во играта.

Со новите правила се очекува giveaway активностите да се организираат во појасна и потранспарентна законска рамка, со јасни обврски за организаторите и поголема заштита за учесниците.