Обвинителството започна истрага: Сторители претепале и оставиле во напуштен објект

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осмничениот 23-годишник, заедно со уште три засега непознати лица, извршиле разбојништво врз еден оштетен граѓанин, кој со својот автомобил бил паркиран во близина на бензинска пумпа на улицатa „Кеј Димитар Влахов“ во Скопје. Тие се доближиле до автомобилот и на возачот му се заканиле со нож, барајќи од него да им ги даде парите кои ги има кај себе. Потоа, под закана, го извлекле од автомобилот и го однеле во напуштен објект во близина. Осомничениот продолжил да му се заканува со ножот, а еден од неговите соучесници го удрил оштетениот со камен во слепоочницата. Од ударот тој изгубил свест. Кога се разбудил бил сам во напуштениот објект и забележал дека му ги нема паричните средства во износ од 1.000 денари кои ги имал кај себе.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори делото, но и да влијае врз оштетениот за промена на неговиот исказ или врз соучесниците по кои се трага, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.​