Обвинение за гостиварецот кој со нож се заканувал на ќерка си и ја тепал сопругата

Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен предлог против 43 – годишен гостиварец за кривичните дела  – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и Загрозување на сигурноста од член 144 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО Гостивар.

– Обвинетиот на 15 октомври, при вршење семејно насилство во домот во кој живеел во заедница со оштетените, започнал расправија по што ги нападнал оштетените и нанел телесни повреди. Тој побарал парични средства, но откако сопругата му кажала дека нема, започнал да ја удира со шлаканици. Потоа побарал пари и од ќерката, но откако не му биле дадени се упатил да го земе нејзиниот мобилен телефон за да го продаде. Кога ќерката се обидела да повика полиција, осомничениот зел нож од кујната и замавнал кон неа, во што бил спречен од сопругата. Тој продолжил со намерата, удирајќи ја сопругата со каиш во пределот на грбот и левата натколеница нанесувајќи и телесни повреди, информираат од гостиварското обвинителство.

Оттаму додаваат дека кривичното дело загрозување на сигурноста обвинетиот го сторил на штета на неговата ќерка. Тој неколкупати праќал пораки на нејзиниот мобилен телефон со закани кон неа и нејзината мајка.

Јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.