Обложувалници и казина се селат од градовите

Новиот Закон за игри на среќа кој се очекува да биде донесен наредниот месец предвидува казината и обложувалниците да се наоѓаат минимум 300 метри подалеку од училиштата, а оние кои веќе се наоѓаат на помала оддалеченост ќе мора да се затворат.

Исто така со законот се предвидува ниту еден автомат, клуб или спортска обложувалница да не се наоѓа во непосредна близина на основни и средни училишта. Во образложението на новото законско решение е наведено дека во постојниот закон не постои никакво ограничување каде и колку може да се отворат обложувалници и казина.

Откако предлог законот се најде на единствениот национален регистар на прописи приредувачите на игри на среќа ги доставија своите забелешки. Од асоцијацијата на спортски обложувалници сметаат дека предлозите се престроги и сериозно ќе наштетат на нивниот бизнис. Според нив предложеното решение за оддалеченост од училиштата е неприфатливо бидејќи со закон веќе е дефинирано дека лица помлади од 18 години не може да учествуваат во игри на среќа.

Во пресрет на донесувањето на новиот закон за игри на среќа во Тетово се одржаа протести против коцкањето кои ги обединија граѓаните од сите верски и етнички заедници. Тие побараа од властите поголема контрола при отворањето и работата на обложувалниците и казината.

Од движењето Анти – коцкање, велат дека во Тетово не се почитува и постојниот закон за игри на среќа, затоа и сопствениците на ваквите објекти земаат слобода и работат нелегално. Во Тетово нема маало каде нема отворено обложувалница или казино. Се отвораат и покрај јавни објекти како училишта и цркви и џамии.

Поддршка на протестот даде и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која за да има поголема контрола побара општините да имаат овластување околу работата на објектите каде се приредуваат игрите на среќа. Од Министерството за финансии велат дека уште се прават детални анализи во врска со ова прашање.

Оттаму истакнаа само дека целта на новиот Закон за игри на среќа е да се стави регулација на еден брзорастечки сектор во насока на општествена одговорно и заштита на младата популација. Инаку новина во законот е и тоа што ако во некоја од обложувалниците инспекцијата затекне малолетно лице, има право веднаш да му ја одземе лиценцата за работа на приредувачот на игри на среќа.
Во врска со ова прашање се огласија и од Либералната партија со барање Владата и Министерството за финансии измени во Законот за игри на среќа и забавни игри да ги направат по примерот на нашиот западен сосед Република Албанија и да се укинат активностите на електронските игри на среќа (слот машини) во населените места.

– Ваквите појави не одат во прилог на градење здрава нација и држава. Затоа бараме да се затворат сите казина и спортски обложувалници кои сега се наоѓаат во огромен број на главните улици низ градовите и селата во Македонија, и блиску до образовните институции. Предлагаме спортското обложување да се одвива само на интернет платформа, а казината да бидат достапни само во хотелите од висока категорија, или во зони на најмала оддалеченост од неколку километри од населените места, велат од партијата.
Инаку во Албанија од први јануари идната година ќе се затворат сите спортски обожувалнци. Исто така се затвораат сите локали за електронски игри на среќа кои сега се на главните улици во градовите во Албанија и ќе бидат достапни само тие во хотели кои имаат пет ѕвездички и се лоцирани надвор од градските средини. По одлуката Албанија да ги затвори обложувалниците тие, според пишувањата на регионалните медиуми сега се селат во Македонија и во Косово, каде овој бизнис е законски.