Објавена програмата на Танц Фест Скопје 2023

Интерарт културниот центар ја најави програмата за фестивалот Танц Фест Скопје 2023 под мотото „Танцувајќи создаваме иднина“. Ќе бидат претставени 19 кореографи од земјава, како и од Холандија, САД, Полска, Чешка, Израел, Италија, Грција, Словачка, Романија, Шпанија и Кина.

Отворањето на фестивалот, кое е поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, ќе се случи на 4 април на сцената на Македонскиот народен театар со претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија од Ротердам, во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу Холандија и С Македонија.

Фестивалот во соработка со Американската амбасада во Скопје на 12 април на сцената на МНТ ќе ја претстави „Далас Блек танцовата компанија“ од САД. Во рамките на оваа соработка ќе биде одржан и проектот „Dance communications“, работилници за млади танчери, кои ќе подготват кратка кореографија под менторство на танчерите и професорите од САД и Скопје танцовиот театар, а ќе ја изведат на 12 април на сцената на МНТ, пред настапот на компанијата од САД.

На сцената на Младинскиот културен центар ќе бидат претставени современи кореографии на Јакуб Черулик од Словачка, Сандра Махвама од Романија, Гилда Цесарио од Италија, „А приори“ компанијата од Грција.

Македонската танцова сцена ќе биде претставена со кореографиите „Одење и слични кореографски решенија“ на Филип Петковски, на 28 април на Малата сцена на НОБ и „КОД #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, која ќе биде изведена на 24 април на сцената на Кино Фросина во МКЦ.

Скопје танцовиот театар на 11 април во МНТ,  ќе ги претстави новите продукции „Место, многу посебно за неа“ на Адријана Данчевска и „Блокови“ на Дејан Битровски, во кои учествуваат танчерите на компанијата и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“. На 10 април во МКЦ ќе биде изведена новата кореографија на Бобан Русески, под наслов „Табу република“, во продукција на Скопје танцовиот театар. На 26 април на сцената на Македонскиот народен театар е премиерата на најновата кореографија на Рисима Рисимкин, „Лејди Магбет“, која годинава е поканета да гостува на Шекспир фринге фестивалот во Верона Италија. Во склоп на фестивалот ќе се одржат и „Отворената програма“ со учество на студија од Скопје и други градови од земјава.

Програмата на Танц Фест Скопје е поддржана од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на САД, УГД, Виталија и Бовин. Билетите за сите настани се продаваат на билетарите на театрите каде се одржува програмата, во МНТ, МКЦ и НОБ, соопшти Интерарт културниот центар.