Објавен изгледот на бесплатните проекти за изградба на куќи (ГАЛЕРИЈА)

Министерството за транспорт и врски ги објави бесплатните планови и изгледот на типските куќи што ги најави премиерот Никола Груевски на почетокот на месецов. Станува збор за шест проекти на куќи од 60, 80, 100, 120, 150 и од 180 квадратни метри.

Заинтересираните граѓани ќе можат да ги симнат од првата страница на веб-локацијата на Министерството за транспорт и врски. Линкот се наоѓа на десната страна на страницата.

Граѓаните, како што рече на прес конференцијата министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, немаат обврска да нарачуваат ревизија на проектот, бидејќи министерствто веќе извршило ревизија на проектите која утврдила дека се направени според сите стандарди.

- Со овие планови граѓаните заштедуваат од 900 до 2.000 евра кои би ги дале на проектантите. Со самото тоа што ќе се подигаат готови проекти за градење куќи, побрзо ќе се издаваат и дозволи за градба, бидејќи проектите ќе бидат веќе познати. За добивање готов проект нема посебни услови кои треба да бидат исполнети за да се добие проектот. Таков проект може да добие секој кој е заинтересиран за градба во било кој дел на Македонија - рече Мисајловски.

Министерот смета дека со реализирањето на проектот „Субвенционирање на проекти за изградба на типски куќи”, владата не им конкурира на проектантските куќи, бидејќи очекува преоктите да ги користат оние граѓани кои немаат доволно пари, а сакаат да градат куќа.

Секој граѓанин кој ќе избере еден од проектите може да направи корекции на проектот.