Ниту оваа есен не изостана „вечната дилема“ на Македонците. Дали и колку е здрав ајварот кој го подготвуваме за зимата?
Познататата нутриционистка Симона Коруновска која речиси секојдневно нуди совети за правилна исхрана ја прашавме за одговор на тема „ајвар“.
Во сезоната на подготовки на традиционалниот ајвар, дали Вие како нутриционист сметате дека има нутритивна вредност?
- Главната компонента на ајварот е црвената пиперка која природно е богата со витамин Ц, витамин А, Калиум, фолка киселина, растителни влакна, ликопен како и антоцијанини (кои им ја даваат црвената боја). Проблемот е што при долгиот процес на термичка подготовка голем дел од овие витамини кои се растворливи во вода се губат, па готовиот продукт нема висока витаминска вредност. Околу 100 гр ајвар содржи од 100 до 180 калории од кои најголем дел се јаглехидрати и масти. Но, сето ова не значи дека треба целосно да го елиминираме од исхраната затоа што храната претставува и социјален момент кој нѐ поврзува со традицијата.
Грешиме ли при подготовката на ајварот? Што би можело да се промени за да биде здрава храна?
- Доколку постои начин да се скрати процесот на подготовка, односно пократко термички да се обработува и на пониска температура тогаш би добиле продукт кој има повисока нутритивна вредност, но за жал не би го имал истиот вкус.
Во комбинација со која храна го препорачувате ајварот? Традицијата вели со тазе бел леб и сирење и/или сувомеснато – Каков е вашиот став за оваа комбинација?
- Ајвар со бел леб и сирење е комбинација која верувам дека на сите ни е добро позната. Од нутритивен аспект според мене има доста масти и недостасува малку протеин (кој што можеме да го додадеме во форма на јајце), но доколку остатокот од исхраната ни е здрав и избалансиран, некогаш можеме да си допуштиме ваков традиционален оброк.