Нови подови, прозорци и фасади во градинките во Карпош

Деновиве, Општината започна со градежни активности во детската градинка „Распеана младост“ во Карпош 1, каде што целосно ќе биде реконструиран подот во оваа претшколска установа. Поради појава на влага во просториите, стручните лица го отстранија стариот паркет, при што подната површина ќе биде санирана во неколку фази.

Првенствено, ќе биде поставена нова цементна облога („кошулка“), за да се добие солидна основа на објектот.  Потоа ќе се интервенира со нова акрилна хидро изолација во три слоја, која треба соодветно да го заштити просторот. И третата фаза, подразбира монтирање на хомоген ПВЦ под (линолеум), со дебелина од 2 мм и PUR површинска заштита, кој е отпорен на бактерии и хемикалии.

Општина Карпош го користи летниот период, за обнова и санација на училишните и предучилишните установи на своја територија. Во таа насока, беа целосно реконструирани две училници во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, а во неколку училници во ООУ „Владо Тасевски„ во Козле, беше поставен нов линолеумски под. Неодамна градинката „Мајски цвет“ во У.З „Владо Тасевски“ доби нови прозорци, а истоимената градинка која се наоѓа во Тафталиџе 1, покрај новите прозорци, во претстојниот период ќе добие и нова енергетско – ефикасна фасада .