Нови играчки и дидактички материјали за децата од градинките во Карпош

Со вкупни средства во висина од 100.000 денари кои се обезбедени од Буџетот на Општина Карпош, Одделението за детска здравствена и социјална заштита, денеска започна акцијата за обновување и унапредување на дидактичките материјали во детските градинки низ локалната самоуправа.

Во таа насока градоначалникот Стевчо Јакимовски, го посети објектот „Распеана Младост“ во населбата Карпош 1, при што им ги врачи новите еколошки дидактички материјали и играчки кои се наменети за децата од предучилишните установи.

- Ова ни е многу драг проект кој го практикуваме секоја година во градинките на наша територија. Овој пат поделивме четири големи комплети со еколошки играчки и дидактички материјали, наменети за матичните предшколски установи во Карпош. Веќе наредната година ќе се заложам да поделиме 13 вакви комплети, односно за секој објект посебно, каде што ги згрижуваме нашите најмлади карпошани, истакна Јакимовски.

Согласно годишната програма, Одделението за детска, здравствена и социјална заштита при Општина Карпош ја реализира оваа активност веќе 11 години во континуитет. Според стратешките насоки на Одделението, целта е да се повлечат од употреба старите нефункционални играчки и истите да бидат заменети со нови еколошки дидактички материјали.

На овој начин треба да се постигне поквалитетен воспитно – образовен пристап, кој ќе влијае на подобрување на психо – физичкиот развој на децата. Имено, со оваа интеракција се очекува, најмалите карпошани преку поголема социјализација да стекнат работни навики и чувство за развивање на одговорно однесување.