Нови еко-играчки за сите градинки во Карпош

Сите објекти на градинките во Карпош добија нови играчки изработени од еко – материјали. Старите и дотраени дидактички материјали се заменија со нови, со цел да се подобри престојот, грижата и социјализацијата на најмладите.

Новите играчки овозможуваат младите да учат преку игра и уште во детските установи да се подготват за основното образование.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека локалната самоуправа продолжува со секојдневното унапредување на детската заштита.

-  Новите играчки изработени од еко – материјали ќе придонесат за попријатен престој на најмладите во градинките, а притоа да бидат заштитени и безбедни при детската игра. Овие еко - играчки ја зголемуваат интеракцијата меѓу младите и ги развиваат нивните когнитивни вештини, да ги спознаваат работите и појавите, рече Богоев.

Градоначалникот им ги честиташе претстојните Новогодишни и Божиќни празници на најмладите, на воспитниот кадар во градинките кои навистина вложуваат во грижата и заштитата на децата.

Општина Карпош имаше прилично успешна година на полето на детската заштита. Се отвори и новиот објект на градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1, а во финална фаза е и отворањето на целосно новата градинка во Бардовци.

Примарната цел е да се создаде квалитетно и сеопфатно предучилишно образование кое навистина ќе ги подготви најмладите за следниот чекор – основното образование.