Новата градинка во Бардовци со капацитет за згрижување на 78 деца

Вкупно 78 деца од Злокуќани и Бардовци ќе се згрижат во новата градинка „Виножито“ во населбата Бардовци изградена со поддршка од Европската унија. Градинката е енергетски ефикасна и опремена со современи дидактички материјали и еко играчки.

Во посета на градинката денеска беа вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, дополнителната заменичка-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

– Агендата на оваа Влада за инвестирање во предучилишно образование, во најмладите, односно во децата кои се на возраст до 5 години,  за да создадеме продуктивни граѓани кои понатаму ќе ја градат нашата држава, е еднаква со агендата на Европската Унија. Тоа е создавање на предучилишно образование кое е квалитетно. Не само што инвестиравме во 44 градинки каде реновиравме и го проширувавме капацитетот, туку отворивме и дополнителни 3.000 места за згрижување на децата во овие две и пол години, изјави Царовска по посетата.

Таа посочи дека се покачени платите на негувателките и воспитувачките со цел кадарот да биде помотивиран и дека се работи на посебна програма за предучилишно образование која треба да се имплементира во современи објекти.

Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Шкријељ најави дека заедно со Светска банка се обезбедени над 15 милиони евра за нови 7.500 места во градинките.

– Се трудиме подеднакво да инвестираме како во урбаните, така и во руралните средини, кои навистина, кога станува збор за детски градинки беа долго време запоставени, затоа што секое дете е битно за развојот и иднината на оваа држава, рече Шкријељ. ​

За градоначалникот на Карпош, Богоев градинката во Бардовци е одраз на конкретната поддршка од ЕУ.

– Иако градинките сега се затворени, како резултат на пандемијата од коронавирусот, слободно можам да кажам дека Карпош е општина во која детската заштита е на прилично високо ниво. Периодов се изврши неколкукратна дезинфекција на објектите на градинки, а за прв пат се направи и дезинфекција на сите душеци од креветчиња и теписи. На овој начин, ќе се спречи појавата на алергии и астма кај најмладите, рече Богоев.

Од Општина Карпош информираа дека моментално се работи и на реконструкција на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1. Заменети се прозорците, обновени се тоалетите, а во претстојниот период целосно ќе се санира и фасадата.