„Нова Македонија“ повторно има струја, вработените од утре се враќаат во канцелариите

Зградата на поранешна „Нова Македонија“ повторно е снабдена со електрична енергија, по проблемите предизвикани од поплавата што го наруши функционирањето на повеќе државни институции сместени во објектот.

Со нормализирањето на снабдувањето со струја, вработените од утре повторно се враќаат на своите работни места во зградата. 

Проблемите започнаа кон крајот на септември, кога пукната топловодна цевка предизвика поплавување на дел од објектот. Поради навлегувањето вода во електричните инсталации, електричната енергија беше исклучена од безбедносни причини.

Во зградата се сместени осум државни институции, меѓу кои Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа, Министерството за јавна администрација, Државниот просветен инспекторат, Државната изборна комисија и други институции. Поради хаваријата, Владата претходно препорача вработените привремено да работат од дома, додека трае санацијата и проверките на објектот.

По повторното воспоставување на електричната енергија, институциите се враќаат во редовен режим на работа, а вработените од утре повторно ќе ги извршуваат работните обврски во своите канцеларии.