Нова катна гаража ќе се гради во Скопје

Општина Чаир предвидува изградба на катна гаража зад Здравствениот дом на Бит-пазар, каде што сега функционира паркинг на диво, пренесува Утрински весник. Надлежните од општината велат дека покрај впишаната маркичка за оваа катна гаража, во ДУП има уште една, за катна гаража кај Турскиот театар.

Официјалните информации од таму тврдат дека катните гаражи најверојатно ќе бидат со приземје и три или четири ката, но не повеќе од тоа. Сепак, катноста ќе биде точно утврдена кога ќе почне изработката на основниот проект, за кој одговорните се' уште не сакаат да откриваат детали.

Од Општината велат дека паркирањето на Бит-пазар може да се реши единствено со предвидените две катни гаражи, како и со паркингот што ќе се изгради со реконструкцијата на пазарот, а кој ќе понуди над 200 паркинг- места. 

Изградбата на катни гаражи на Бит-пазар конечно ќе го реши хаосот со паркирањето во тој дел од градот, бидејќи многумина токму поради тоа не се обидуваат со автомобил да дојдат до пазарот или во неговата околина. Речиси е невозможно да се најде паркинг-место во околината, доколку не се отиде на дивиот паркинг зад Здравствениот дом, каде што за еден час паркирање се наплаќа 30 денари, а не се добива фискална сметка.