Нова дупка во асфалтот - Центарци алармираат за оштетен коловоз

Граѓаните алармираат за нова дупка на коловозот кај маркетот „Зур“, на улицата „Владимир Полежиновски“ (поранешна „Иван Милутиновиќ“) во скопски Центар.

Тие прашуваат дали надлежните служби од општина Центар и општинскиот инспекторат вршат контрола врз движењето на тешката градежна механизација, за која сметаат дека придонесува за оштетување на коловозите и тротоарите.

Воедно, центарци бараат одговор дали инвеститорите кои користат тешка механизација сносат одговорност за евентуалната штета што ја предизвикуваат врз јавната инфраструктура и кој ќе ја надомести штетата доколку поради ваквите оштетувања бидат оштетени возила или дојде до сообраќајна незгода.

Жителите апелираат до надлежните што поскоро да извршат увид на терен и да го санираат оштетувањето, со цел да се спречат поголеми последици и да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот.