Нов земјотрес вечерва почувствуван во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија вечерва во 23:10 часот регистрира нов земјотрес, чии епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 километри југозападно од Скопје.

Според информациите од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот бил со локална Рихтерова магнитуда од 3,7 степени.

„Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, информираат од опсерваторијата.

Засега нема информации за причинета материјална штета или повредени лица. Ова е втор земјотрес регистриран вечерва во регионот, по претходниот што беше лоциран на територијата на Грција.