
Министерот за надворешни работи и надворешан трговија, Тимчо Муцунски доцна синоќа сподели дека успешно била евакуирана и третата група македонски државјани од Блискиот Исток.
„Вечерва на Меѓународниот аеродром во Приштина пристигна третиот организиран лет со патници кои беа успешно евакуирани од Катар, Кувајт, Кралството Саудиска Арабија и Кралството Бахреин. Патниците претходно со организиран превоз беа транспортирани до Ријад, од каде што со специјален лет безбедно го напуштија регионот“, истакна Муцунски.
Тој посочи дека во авионот имало 151 патник, од кои 109 биле македонски државјани, а останатите се државјани на повеќе други земји.
Министерот исто така додаде дека евакуацијата била реализирана врз основа на претходно утврден план и во координација со надлежните институции.
„Безбедноста на македонските граѓани останува наш највисок приоритет. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и понатаму останува на располагање на сите наши државјани кои имаат потреба од поддршка во погодените региони“, порача Муцунски.