Низ улиците на главниот град патници ќе превезува уште еден екоавтобус

Низ улиците на главниот град патници ќе превезува уште еден еко-автобус, откако ЈСП Скопје потпиша договор со компанијата „Ман импортертер Македонија“, за негово пробно користење.

Свои потписи на договорот ставија Кристијан Чушков, директор на ЈСП, и Ивица Вилјац, директорот на „МАН импортер Македонија“, кој информира дека овој автобус е осма генерација ЦНГ МАН-автобус. 

Новиот автобус е од типот „лајонс сити A21“, користи природен компримиран гас и има капацитет за превоз на 85 патници. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, кој троши минимално количество гас. Особена карактеристика за овој тип автобус е дека незначително испушта јаглероден диоксид и ПМ-честици. Автобусот е веќе пуштен во сообраќај и вози на линијата со број 5. Ваков вид екоавтобуси веќе се застапени на скопските улици и сообраќаат на линиите 5 и 2.

Градот Скопје од буџетот за годинава предвидува субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари, а за приватни превозници во висина од 20 милиони денари.