Ниту подземни, ниту надземни контејнери вршат работа - ѓубрето скопјани го фрлаат на улица

Во Скопје има 100 подземни и 4.100 надземни контејнери, но ѓубрето сепак се фрла на улица.

Иако ЈП Комунална хигиена тврди дека садовите за отпад редовно се празнат, забележително е дека преполните контејнери се редовна слика на македонската метропола.

За разлика од високоразвиение европски земји, каде што и свеста на населението е високо развиена, во Македонија се уште се зборува за важноста и потребата од рециклирањето, па дури се уште се апелира до граѓаните, ѓубрето да го фрлаат во соодветни контејнери. За жал, иако живееме во модерно општество, и речиси и да нема човек кој барем на неколку дена, не ја напуштил државава, и видел како се живее во големите европски и светски градови, по враќањето дома, си продолжува со старите навики.

Расфран отпад, и покрај многубројните апели од ЈП Комунална хигиена, се забележува насекаде, а многу често граѓаните мака мачат да го погодат контејнерот, па ѓубрето завршува околу контејнерите, создавајќи мини депонии на секој чекор.

ЈП Комунална хигиена велат дека динамиката на собирање отпад е за пофалба.

Од друга страна, граѓаните се жалат дека во Скопје недостасуваат повеќе садови за одлагање на отпад. 

Без оглед на динамиката на собирање на отпадот од контејнерите, ѓубре во Скопје ќе има на секој чекор се додека не почнат граѓаните да се однесуваат во согласност со нормите и правила на урбаното живеење.