
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски информираше дека се инвестираат преку 165 милиони денари за нови улици во Гевгелија, како и дека со општината ќе работат на изградба на нов влез во градот.
„Завршивме повеќе големи проекти во Гевгелија со што инфрaструктурно градот доби нов лик, едно модерно место за живеење, а денес заедно со градоначалникот Андон Сарамандов извршивме увид во реконструкција на улицата Маршал Тито, инвестиција од 81 милион денари поддршка од Владата“, истакна Николоски.
Покрај реконструкцијата улицата Маршал Тито, тој додаде дека завршена била и изградбата на улицата Новопланирана во вредност од 2,4 милиони денари, како и изградба на парк со детско игралиште на улица Деко Ковачев во вредност од 7,1 милион денари. Завршена е реконструкција и рехабилитација на дел од булевар Гевгелија и натпатник на улица Железничка во првиот повик 17,7 милиони денари.
„Преку средства од Министерството за транспорт завршивме и реконструиравме улици во село Моин, во село Прдејци и во село Богородица и завршен е Западниот булевар фаза 3 со средства обезбедени од Министерството за транспорт со поддршка на Светска банка во вредност од 30,8 милиони денари“, посочи Николоски.