Никогаш порано не сум се чувствувала волку уморно...

Пред некој ден, една пријателка пиша во една заедничка група: „Дали некој од вас се чувствува физички и психички исцрпено?“

Јас одговорив: „Да. И физички и емоционално.“

За многу од нас, животот моментално е запрен и сè уште не можам точно да одредам како се чувствувам во врска со целата оваа работа, но знам една работа: 

ЈАС СУМ ИСЦРПЕНА!

Можете да забодете и вилушка во мене, но јас повеќе немам сили, готова сум. Уморот не ми е непознат. Сум станувала навечер за нашата едногодишна ќерка и моите синови ме буделе навечер во ниедно време. Обично работам и до полноќ, некогаш и подолго, кога дома е доволно тивко за да си ги слушнам моите мисли. Спиењето и јас во најдобар случај сме само познаници. И претходно бев уморна, но не вака. Овие неколку недели ме обземала болна, тешка исцрпеност. Овој умор не може да ми ги држи очите отворени, но не можам ниту да заспијам од него. Се чувствувам исцрпено на речиси секој можен начин. 

Физички сум исцрпена од превртување по цела ноќ. Од постојана грижа за децата. Уморна сум од тоа да гуглам симптоми во доцните часови и да ги читам вестите. Се чувствувам рамнодушно во текот на денот, а сите мисли ме стигнуваат кога главата ќе ми ја допре перницата и умот почнува да се забрзува. 

Ментално сум исцрпена од грижи кои надвиснуваат и во најсреќните моменти. Уморна сум од ова чекање во кое сме паднати. Од смислување нови начини да ги забавувам децата, иако и самата на себе веќе сум си досадна. Емоционално сум исцрпена и од ова мало трпение кое го имам. Во болката во срцето заради саканите кои веројатно нема да ги видам уште неколку месеци. Од интеракцијата со луѓе кои и самите се наоѓаат на сопствени емоционални тобогани. Уморна сум од дневните осцилации кои одат од „сè ќе биде во ред“ до „и небото ќе се сруши“.

Едноставно сум уморна. Од стресот. Од насловите во порталите. Не можам да најдам рамнотежа колку и да се трудам. Уморна сум од чекање – иако не сум ни сигурна што чекам. Уморна сум од своето храбро лице заради децата кои не разбираат што се случува. Уморна сум од уморот. Имам желба да легнам во кревет и да се покријам со јорган преку глава. Сакам некој да ме разбуди кога сето ова ќе заврши. Наутро станувам од кревет дури и кога не можам да отворам очи. И натаму ги одговарам истите прашања по којзнае кој пат, затоа што оваа пандемија ги направи моите деца уште по љубопитни. Постојано сум со обврски поради семејството, домот, домашните обврски, па немам време ни за себе. 

Продолжувам понатаму затоа што немам друга алтернатива. Исцрпеност од животот за време да глобална пандемија е повеќе отколку што некогаш сум замислувала, но ова нема вечно да трае. Го знам тоа. 

Еден ден работите ќе се средат. Ќе го фрлиме овој товар од себе и ќе почнеме нормално да живееме. Ќе имаме можност да ги наполниме батериите на нашите тела, срца и умови. Но, засега, пријатели мои, исцрпена сум на сите можни начини. А знам дека и вие сте уморни. Моментално на светот не постојат толку многу шолји кафе кои би ја намалиле оваа исцрпеност, но моите 20 шолји кафе и јас, сè уште не се откажуваме.